Хрватска со уште еден тест на новите момци, во јули ќе игра против Шпанија

Репрезентацијата на Хрватска треба да го одигра заостанатиот натпревар против Шпанија во рамките од ЕХФ Евро Купот. Натпреварот требаше да се игра на 9 јануари, но беше одложен поради снежната бура во Мадрид.

Според информациите од хрватските медиуми, датумот за натпреварот помеѓу Хрватска и Шпанија ќе биде 4 јули во шпанската престолнина. И двете ракометни федерации разговараат околу конечниот датум.

Натпреварот нема да има никакво резултатско значење бидејќи Унгарија го освои првото место, Хрватска второто, додека Шпанија доколку го добие дуелот со Хрватите ќе остане на истата позиција, трето место.

Сепак, пред заминувањето на Олимписките игри, натпреварот со Хрватска ќе биде вистински тест за Шпанија.

Селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват ќе има уште една можност да ги провери квалитетите на новите ракометари. Меѓу новите ракометари се и двајцата играчи од Еурофарм Пелистер, Томислав Кушан и Матео Мараш, како и ракометарот на Вардар, Анте Гаџа, кој моментално е повреден.

Хрватска исто така планира да одигра пријателски натпревар со репрезентацијата на Египет. Тоа најверојатно ќе биде после нивниот дуел со Шпанија и не е исклучена можноста, Хрватите да имаат уште некој пријателски натпревар.