Храбрите битолчани со пораз се враќаат од Хард, во Битола ќе бркаат три гола негатива!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 загубија во првиот натпревар од првото квалификациско коло од Лигата на Европа од австрискиот Алпла Хард со 24-21. По првиот дел имаа негатива од два гола, 13-11, но на крајот имаат достижна предност во Битола.

Со двата гола на Арсеновски и еден на Кукуловски, Еурофарм Пелистер 2, одржуваше рамнотежа и беше 3-3. Неколкуте грешки во серија на младите битолчани, беа казнети од домашните и Алпла се одлепи на плус три, 6-3.

Избраниците на Александар Јовиќ се вратија со два гола на минус еден, 6-5, но повторно застанаа и му дозволија на искусниот ривал да стигне до највисоки плус четири, 11-7.

Сепак во финишот на првото полувреме, Еурофарм Пелистер 2 успеа да ја стопи негативата, имаше и напад за реми, но не го искористи, па со голот на Предраговиќ, Алпла замина на пауза со плус два, 13-11.

Како што заврши првиот дел, така почна и вториот. Младите битолчани најчесто беа во негатива од два до четири гола, но немаа сили да го притиснат повеќе домаќинот. Голем проблем беа и промашените пенали, кои беа дури четири од пет.

Поради трето исклучување, еден од главните адути на домашните, Иван Хорват, доби црвен картон, но на сцена стапи Лукас Швеихофер, кој на пет минути до крајот ги донесе дотогаш највисоките 22-18 за Алпла Хард.

Грешките кај Еурофарм Пелистер се зголемуваа, па беше и плус пет за Алпла Хард, 24-19. Блажевски намали на 24-20, домашните викнаа тајм-аут, но Антанавичиус промаши, а казната стигна од Талевски за 24-21 и негатива од три гола пред вториот меч.

Петровиќ и Арсеновски со по пет гола беа најдобри стрелци, а Ивановски и Димитровски имаа по три погодоци. Реванш средбата се игра на 3 септември со почеток од 19:00 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.