Хорват се чуди за отказот од Вецлар: Замислете ПСЖ да го избрка Меси сред сезона…

Раководството на Вецлар пред два дена излезе со соопштение дека е раскината соработката со довчерашниот тренер Хрвоје Хорват.

Поранешниот селектор на Хрватска не ги известил челниците на Вецлар за неговите планови за следната сезона и решил да потпише двегодишен договор со Кадетен Шафхаузен.

Поради неговата одлука, без консултации со бундеслигашот, го загуби тренерското место во Вецлар, кој во остатокот од сезоната ќе биде предводен од поранешниот репрезентативец на Македонија, Филип Миркуловски.

Искусниот стратег во изјава за хрватскиот портал „Спортске новости“ истакна дека е изненаден од одлуката да добие отказ.

„Мене оваа одлука ме изненади. Во девет часот наутро го известив клубот дека ќе бидам тренер на Кадетен Шафхаузен од следната сезона, по еден час, односно во десет часот ме отпуштија. Не го очекував ова, но гневот на клубот очигледно преовлада. Борбата за опстанок во Бундес лигата, лошите резултати, нервозата, за жал така испадна“, коментираше Хорват.

Големите амбиции на Кадетен Шафхаузен биле причина Хорват да ја прифати нивната понуда за нов тренер на екипата. Хрватот истакна дека во целата ситуација не гледа ништо спорно.

„Кога е времето за да се бара нов ангажаман? Не можам да барам нов клуб на крајот на сезоната кога се ќе биде пополнето. Покрај тоа, никогаш не беше опција да останам во Вецлар, тоа во клубот добро го знаат. Сега се налутија затоа што веќе се договорив со Шафхаузен. Замислете ПСЖ да го избрка Меси среде сезоона само затоа што потпишал за друг клуб“, изјави Хорват за „Вечерњи Лист“.

Новиот тренер на Кадетен Шафхаузен по Светското првенство 2023 доби отказ од ракометната куќа на Хрватска. Отказот од Вецлар за Хорват беше втор во рок од речиси четири месеци.