Херојот на вардарци синоќа го одигра последниот меч во ЛШ во „црвено-црниот“ дрес

Екипата на Вардар со поразот и на реваншот против Веспрем од 30:39 вчера ја заврши сезоната во Лигата на шампионите, а воедно вчерашниот натпревар беше и последниот за херојот на „црвено-црните“ во ова натпреварување. Иван Чупиќ на последните две средби од Лигата на шампионите имаше два тешки порази, па се збогуваше со ова натпреварување на многу лош начин.

Ова нема да биде последен натпревар во ЛШ за Чупиќ со оглед на тоа што тој и следната година ќе игра во истото натпреварување, но во дресот на ППД Загреб.

Сепак, играчот кој одлучи за првата титула со голот кој го постигна против ПСЖ и Тиери Омејер во 2017 година стана херој на сите вардарци. Оттогаш е и миленик на сите фанови, а со својата пожртвуваност на теренот секогаш беше еден од оние кои даваа максимум. Чупиќ освои титула со Вардар во Лигата на шампионите и во 2019 година.

Во Вардар дојде во 2016 година, а досега освои три трофеи во Супер машката лига, две во Купот на Македонија, три во Супер купот, три во СЕХА лигата и две во Лигата на шампионите.

Чупиќ има да одработи уште од обврските со Вардар во СЕХА лигата, во плеј-офот од Супер лигата и Купот на Македонија. Оттаму остануваат уште шанси за да се збогува со „црвено-црниот“ дрес со трофеи.