Херона одбра 23 ракометари – Србија со шестмина „вардарци и металурзи“ на СП

Селекторот на репрезентацијата на Србија, Тони Херона, го објави скратениот список на ракометари од кои ќе ги одбере патниците на Мундијалот.

Подготовките стартуваат на 25 декември, а тогаш ќе има на располагање 19 ракометари. Од нив ќе отпаднат тројца, по што по Нова Година ќе се приклучат Милосављев, Бомаштар, Марсениќ и Николиќ кои играат во Германија и Шведска, па подготовките ќе продолжат со 20 ракометари.

На списокот се екс членовите на Вардар, Металург и Охрид: Дејан Милосављев, Вања Илиќ, Мијајло Марсениќ, Илија Абутовиќ, Стефан Додиќ и Предраг Вејин.

До 5 јануари Србите ќе тренираат дома, потоа заминуваат за Шведска каде ќе играат два меча со домаќинот на СП, а оттаму ќе одат за Полска.

Србија е во група со Катар, Германија и Алжир, а доколку Македонија обезбеди место во следната фаза, ќе вкрсти со најдобрите три од оваа група.