Фуксе Берлин шокиран од Кадетен, Фленсбург едвај до победа против Грањолерс

Денес започнаа четвртфиналните дуели во рамки од Лига на Европа и уште на првиот одигран натпревар имаше изненадување.

Фуксе Берлин во дуелот со Кадетен Шафхаузен беше голем фаворит, но целосно потфрли и доживеа пораз од 37:33.

Ракометарите на Фуксе Берлин на реванш дуелот, кој ќе биде одигран на 18 април, ќе мораат да победат со над четири гола разлика доколку посакуваат пласман меѓу најдобрите четири екипи во второто по квалитет европско натпреварување.

Уште еден бундеслигаш имаше бледо издание во првиот четвртфинален дуел. Станува збор за екипата на Фленсбург, која на гостувањето кај Грањолерс славеше минимално со 31:30.

Со почеток од 20:45 часот ќе играат Нексе и Гепинген, односно Спортинг и Монпелје.