Фуксе Берлин незапирлив, Турченко му ја донесе првата победа на Мотор

Денес во Лига на Европа беа одиграни натпреварите од 6. коло од второто по ранг европско натпреварување.

Во групата Д, во која се наоѓа и Еурофарм Пелистер, украинскиот шампион Мотор дојде до прво сезонско славје на европска сцена, откако славеше против Агуаш Санташ со шест гола разлика, 30:24.

Мотор во победата над португалскиот тим беше предводен од младиот ракометар Игор Турченко. Синот на поранешниот македонски репрезентативец Сергеј Турченко, одигра одличен натпревар и во мрежата на Агуаш Санташ имаше десет реализации. Кај поразениот табор се истакна Мигел Переира со шест погодоци.

Дерби дуелот меѓу Архис и Фуксе Берлин заврши со победа на бундеслигашот од 29:28. Откако тимот од Германија водеше со 28:26, домаќините со два гола во низа израмнија на 28:28 за неизвесна завршница. Победничкиот гол за Фуксе Берлин го постигна репрезентативецот на Данска, Матијас Гидсел на речиси две минути пред крајот.

Кај Фуксе Берлин предводници беа Ханс Линдберг со осум и Матијас Гидсел со пет погодоци. Листата на стрелци кај Архус беше предводена од Мортен Балинг со шест реализации.

Словачкиот шампион Татран Прешов со триумфот над вториот тим на Веспрем од 22:20 се израдува на првите освоени бода во новата натпреварувачка сезона.

Грањолерс му го нанесе првиот пораз на хрватскиот вицепрвак Нексе, триумфираше со 25:22 и со освоената победа го завери пласманот во осминафиналето во Лига на Европа. Нексе уште од поодамна имаше обезбедено место меѓу најдобрите 16 екипи, па така избраниците на Бранко Тамше можеа да си дозволат мал луксуз.

Победа во денешните натпревари остварија и екипите на Фленсбург, Монпелје, Спортинг, Скјерн и Иштад.

ЛИГА НА ЕВРОПА, 6. КОЛО

РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА А

ТАТРАН ПРЕШОВ – ВЕСПРЕМ ККФТ 22:20 (12:11)

КАДЕТЕН – ГЕПИНГЕН 30:35 (17:17)

МОНПЕЛЈЕ – БЕНФИКА 33:27 (16:12)

ГРУПА Б

БЕНИДОРМ – ЕКС АН ПРОВАНС 33:32 (17:18)

ФЛЕНСБУРГ – ФЕРЕНЦВАРОШ 42:30 (23:15)

ВАЛУР – ИШТАД 29:32 (15:16)

ГРУПА Ц

БАЛАТОНФУРЕДИ – АЛПЛА 27:26 (13:15)

ГРАЊОЛЕРС – НЕКСЕ 25:22 (14:11)

СПОРТИНГ – СКЈЕРН 28:24 (13:13)

ГРУПА Д

АРХУС – ФУКСЕ БЕРЛИН 28:29 (16:15)

МОТОР – АГУАШ САНТАШ 30:24 (13:8)

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – БИДАСОА 29:29 (17:16)

Еурофарм Пелистер се избори за голем бод против Бидасоа