Фуксе Берлин е новиот шампион во Лига на Европа

Екипата на Фуксе Берлин е новиот шампион во Лига на Европа, откако во финалето од Ф4 турнирот во второто по квалитет европско натпреварување славеше над Гранољерс со 36:31 (16:12).

За бундеслигашот освоената титула е трета на европска сцена. Фуксе Берлин во сезона 2014/15 и 2017/18 го освои тогашниот ЕХФ Куп.

Новиот шампион во Лига на Европа беше гостин во Битола кога во месец ноември, минатата година, играше против Еурофарм Пелистер во рамки од групната фаза.

Фуксе Берлин победата во денешното финале ја обезбеди со одличната игра во второто полувреме, во кое целосно го надигра мотивираниот Гранољерс, кој по победата над Гепинген во полуфиналето, денес остана без муниција.

Во екипата на Фуксе Берлин одлични беа двајцата екс ракометари на Вардар, голманот Дејан Милосављев и кружниот напаѓач Мијајло Марсениќ.

Милосављев блескаше меѓу стативите и финалето го заврши со 13 интервенции. Марсениќ одигра одлично во два правци и имаше 100% реализација, пет од пет.

Третото место на Ф4 турнирот во Фленсбург, односно бронзениот медал го освои Гепинген со победата против Монпелје од четири гола разлика, 33:29 (16:17).

Минатата сезона титулата во Лига на Европа ја освои екипата на Бенфика, која во штотуку завршената сезона потфрли во европското натпреварување.