Французите се плашат: Ракометарите што ќе играат на Ф4 во декември ќе немаат одмор пред Мундијалот!

Наследникот на Дидие Динар на селекторската позиција во репрезентацијата на Франција, Гијом Жил во француските медиуми го коментираше откажувањето на квалификациските бараж дуели за Светското првенство во Египет во 2021 година.

Франција требаше да се сретне со Македонија во бараж дуелот, но Французите добија директен пласман во Египет откако ЕХФ ги откажа бараж дуелите, а местата ги распредели според пласманот на последното Европско првенство. Жил смета дека доколку се одиграле овие натпревари ракометарите би немале време воопшто за одмор.

„Директниот пласман на Светското првенство ни овозможува конкретно да ги погледнеме работите. Важно беше нема дополнителна недела за репрезентативни бараж дуели што би имало сериозни последици за подготовките за Олимпијадата. Играчите кои учествуваат на фајнал-форот во Лигата на шампионите нема да добијат одмор. Тие ќе се вратат во националниот тим веднаш по завршувањето на овој исцрпувачки турнир, но ќе мора брзо да се вклучат во подготовките“, рече Жил.

Помеѓу репрезентативните ракометари на Франција, кои би играле на фајнал форот кој е закажан за крајот на декември се десет играчи Лука и Никола Карабатиќ, Лук Абало, Винсент Жeрард, Недим Ремили (ПСЖ), Тимотеј Н’Гесан, Дика Мем, Седрик Сорендо, Лудовик Фабрегас (Барселона), Кентан Мае (Веспрем).