Франција ослабена во Токио, Лакрабер отпадна поради повреда

Десниот бек на Франција, Александра Лакрабер нема да биде на теренот во дресот на својата земја на Олимписките игри во Токио, а проблемот е во повреда поради која ќе биде надвор извесно време.

Ова е сериозен удар бидејќи поранешната вардарка имаше свое место во селекцијата која ја предводи Оливие Крумбхолц. Таа игра и во одбрана и во напад така што беше планирана да игра во двата правци, но ќе мора да се најде замена.

„Во саботата Лакрабер заработи повреда на левиот бут. Прегледите покажаа дека станува збор за повреда која ќе ја одалечи од терените во следниот период. Уште не е познато колку ќе мирува, но нема да може да настапи на Олимпијадата“, изјави селекторот на Франција, Оливие Крумбхолц.

Она што е јасно во моментов е дека Франција остана само со еден десен бек, Лора Флип и ќе се најде во незгодна ситуација бидејќи ќе мора да комбинира со крилата за да ја одмора Флип на дел од натпреварите.