Фленсбург без пикери доаѓа кај Вардар!

Во подготвителниот период пристигна уште една лоша вест за Мајк Макула и неговиот тим Фленсбург. Пикерот Јакоб Хајнл заработи повреда на пријателскиот натпревар со Силкеборг.

Хајнл мораше да го заврши натпреварот порано од останатите после еден дуел на линијата од шест метри. После прегледите на тимскиот лекар е утврдено оштетување на лигаменти на десното колено.

Во овој случај операција не е неопходна, но секако му претстои пауза од повеќе недели на пикерот на Фленсбург. Повредата на Хајнл е нов голем проблем за Фленсбург, откако пред само десетина дена се повреди уште еден пикер, Јоханес Гола кој исто така подолг период ќе биде надвор од терените.

Со повредата на Хајнл, тренерот Макула останува без пикер на потребното високо ниво за почетокот на сезоната во Бундес лигата и Лигата на шампионите. На проба е некогашниот вардарец Сергеј Горпишин, но тој се уште нема потпишано договор.

Сега целиот товар ќе падне на Симон Халд, но тој не е целосно подготвен за големи напори по повредата на лигаментите минатаа сезона, па Макула ќе мора да импровизира на пивотменската позиција.

Фленсбург е противник на Вардар во 4 коло од ЛШ и најверојатно во Скопје ќе допатува ослабен за двајцата кружни напаѓачи.

Фленсбург ослабен во Скопје – Гола нема да игра против Вардар