Флензбург не потпиша со Горпишин, но ангажираше друг екс-пивот на Вардар

Екипата на Флензбург во новата сезона, сепак, ќе има поранешен пивот на Вардар, а тоа нема да биде Горпишин, кој мина извесно време на проба во овој клуб.

Поради повредите на ракометарите на пивотменската позиција, во Флензбург беа приморани да најдат решение и замена, па одлуката падна на друг играч кој порано го носеше дресот на Вардар. Се работи за Домен Сикошек Пелко, кој пред некој месец се договори со тимот на Сиудад де Логроњо.

Двете екипи првично се договорени за позајмица и договорот на Пелко со Флензбург засега има важност до 31 декември. Дали ќе остане со ваква важност или ќе дојде до негово продолжување веројатно ќе зависи од формата која ќе ја прикаже Пелко во следниот период.

„Со она што го прикажа на пробниот тренинг Пелко нè убеди дека го заслужува местото во Флензбург. Тој ќе биде добро засилување за нас. Се работи за млад ракометар со огромен потенцијал. Ќе ни дојде добро во ова време кога имаме проблеми со пивотите и три месеци ќе биде доволно време за да може да се наметне“, вели тренерот на Флензбург, Мајк Мачула.

Флензбург остана без Јоханес Гоља и Јакоб Хајнл кои заработија повреди и ќе бидт надвор од терените до крајот на оваа година. Оттаму беше потребен пивот кој ќе го недомести нивното отсуство, а очигледно Горпишин не успеа да го убеди тренерот на Флензбург дека го заслужува местото.