Филип Чурлевски: Презимето порано ми беше товар, а сега ми е “ветер во грб” да бидам подобар!

Македонскиот ракомет од пред месец дена има и втор претставник (по Игор Трајковски) во финското првенство, откако Филип Чурлевски се одлучи да го направи својот премиерен трансфер во странство.

Поранешните соиграчи во Еурофарм Пелистер сега ги бранат боите на Сјундеа ИФ. Малку простор и време му требаше на бекот да се адаптира на новата средина во која веќе се наметна како еден од лидерите (заедно со Трајковски), а последниот натпревар го заврши и како “играч на мечот”.

Синот на ракометната легенда, Боро Чурлевски, полека, но сигурно го наоѓа својот пат, а главна цел му е да покаже дека ракометот му е во гените.

“На почетокот многу ми пречеше и ми претставуваше товар и притисок тоа што го носев презимето Чурлевски. Очекувањата кои ги имаа сите, тоа се одразуваше негативно врз мене и ми создаваше нервоза. Но, со татко ми многу зборувавме за тоа. Тој ме насочуваше, имаше навистина уникатен поглед за ракометот и начин на кој тој го разбираше. Тие разговори помогнаа, но и со текот на времето научив како да се носам со тоа. Ако порано ми беше притисок, сега ми е ‘ветер во грб’. Мотив да покажам дека тоа што го има во таткото, таа љубов и страст за ракометот, го има и во синот. Полека, но сигурно го наоѓам патот”, вели Филип Чурлевски.

Првата станица е СИФ, понуда која доаѓа сосем случајно, но Филип од претходно бил решен да го отвори интернационалното поглавје, само коронавирусот малку го одложи процесот.

“Уште лани на полусезона бев во контакт со повеќе менаџери и бев подготвен да заминам од Македонија. Имав добра понуда од Германија и бев пред потпис, но се случи коронавирусот и се застана. Потоа се договорив со Прилеп, се помирив со фактот дека и оваа сезона ќе останам дома, а и ми беше задоволство тоа што ќе соработувам со Горан Кузмановски, сега како терен на Прилеп. Се случи во СИФ играч на мојата позиција да се повреди и по препорака на Игор Трајковски да заминам за Финска. Прилеп беа крајно коректни и ми дозволија да заминам и многу сум благодарен за разбирањето и добрата соработка која ја имавме”, објаснува Чурлевски како се случил неговиот прв интернационален трансфер.

Трајковски не само што е виновен за ангажманот, туку е и главна поддршка за Чурлевски да се адаптира на новата средина.

“Имав голема позитивна трема првите денови. Бев решен дека ќе заминам, но друго е кога тоа и ќе се случи. Игор многу ми помогна да се адаптирам полесно, а имав и топол пречек во клубот. Одличен однос, има човек за се што ти треба. Добро сум прифатен и од тренерот и од соиграчите. Условите се многу подобри од некои клубови во Македонија – топла сала, вежбалница, чисти топки, сауна… На тебе е само да си ја работиш твојата работа, да тренираш, да играш натпревари и да го даваш најдоброто од себе.”

СИФ е млада екипа (просек на години 25) во која Трајковски и Чурлевски се единствените странци, но и оние со поголемо искуство. Во моментов се четврти во првенството, но главното доаѓа по Нова година, кога стартува плејофот.

“Млада екипа сме, но со многу талент и потенцијал. Со Игор сме единствени странци, поискусни и со тоа сме и носители на играта. Различно е од кај нас, типичен скандинавски ракомет. Многу се трча и многу внимание се посветува на физичката подготвеност. Многу се зборува, се прават состаноци, се е на отворено и комуникација е многу важна. Интересно е дека нема конкретно поставени цели. Нема притисок, поладни се, не се толку страствени… Сега уште се игра регуларниот дел од сезоната, главното, плејофот доаѓа во јануари, па можеби тогаш ќе биде поинаку.”

За да стигне до првиот интернационален ангажман Чурлевски прво мина низ неколку домашни клубови, од матичниот Пелистер, преку Вардар Јуниор, а потоа во Еурофарм Пелистер од каде стигна и до повик за А репрезентацијата и настап на Светското првенство минатата година.

“Во сите клубови каде сум играл научив нешто и преку нив растев како играч. Секако Еурофарм Пелистер ги минав најубавите години досега во кариерата. Настапи во европските купови, во Лигата на шампионите, во СЕХА… На такви натпревари со тој интензитет, па дури и пет-десет минути само да играте многу значат. И од тренинзите се учи, кога имате такви квалитетни соиграчи… Понудите почнаа да пристигнуваат по еден добро одигран натпревар против Кокс во ЛШ, но некои ме забележале и на оние дуели со помала минутажа. Особено сум среќен на настапот на СП со репрезентацијата, за мене тоа беше остварување на сон. Да бидеш во друштво на тие легенди, да тренираш со нив, да делиш соблекувална… Чест и привилегија, но жалам што не бев на потребното ниво за да го оправдам моето присуство таму.”

Сето тоа е сега зад Филип, она на што треба да се насочи е предизвиците кои го очекуваат во СИФ, но и да се навикне на животот во Финска.

“Сега сум посветен на СИФ и да го дадам најдоброто од себе тука. Полека се навикнувам на животот во Финска, тука се е по план и програма, нема кафиња и шетање, секој си ја гледа својата работа. Ако живееш како во Македонија со кафиња и ручеци надвор тогаш е прескап животот, но ако си поскромен тогаш е ОК. Во мало место сум и ми се допаѓа многу, ја чекам сопругата да дојде па ќе прошетаме малку заедно за време на паузата за празниците. Останува само да се навикнам на времето, многу рано се стемнува (се смее). Нешто што многу ми се допаѓа е што сите наоѓаат време да спортуваат. Коронавирусот тука не прави големи проблеми. Играме пред публика, но со пола исполнет капацитет на салата, има мерки, но никој не носи маска на отворено и се функционира нормално”, завршува Филип.