Фантастична партија на Митревски, Порто ја нокаутира Бенфика среде Лисабон!

Тимот на Порто предводен од македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски, забележа важна победа во португалскиот шампионат во дербито над Бенфика со 29-28.

Митревски влезе во игра кон крајот на првото полувреме, и Порто почна да ја анулира предноста на домашните ракометари, па на пауза се замина со 15-14 за Бенфика.

Во вториот дел, но и во финишот најчесто се играше гол за гол, повеќе нерви имаа гостинските ракометари кои со голот на Ареја, осигураа победа, што може да им го отвори патот кон нова шампионска титула.

Митревски не го бранеше целиот натпревар, но и покрај тоа имаше фантастичен процент на одбрани 9 од 21, односно 43% на одбранети удари на ривалите, а поголем дел од чисти ситуации.

Порто сега има 60 бодови на второто место, прв е Спортинг со 61 бод, додека трета е Бенфика со 57. Тимот на Митревски на домашен терен ќе игра со Спортинг и има голема шанса за одбрана на титулата во Португалија.