Фантастична вечер на голманот на Бергишер, Кузмановски и Хановер беа немоќни

Екипата на Хановер каде што настапува Филип Кузмановски доживеа пораз на тешкото гостување кај Бергишер со четири гола, 27-23, во натпревар од 20. коло во Бундес лигата.

Само отварањето на дуелот им припадна на Кузмановски и колегите, од 3:3 Бергишер го презема водството и го одржуваше до крајот на натпреварот. Во 23. минута домашниот тим имаше 10:6 но до крајот на полувремето Хановер ја намали негативата.

На полувреме беше 14:12, а во продолжението на теренот доминираше домашниот тим. Предводен од фантастичниот голман Кристофер Рудек кој натпреварот го заврши со 18 интервенции, Бергишер сигурно чекореше кон нов триумф.

Ракометарите на Хановер немаа решение за противничкиот голман и мораа да се помират со пораз, во еден момент имаа и највисока негатива од осум гола. Филип Кумановски денешниот натпревар го заврши без реализација, а имаше еден обид кон противничкиот гол.

Бергишер продолжува со добрите игри и со серија победи се искачи на петото место на табелата. Додека Хановер и Кузмановски остануваат во долниот дел од табелата, односно на 13. место со 18 бодови.