Фановите можат на трибини, но со сертификат дека се вакцинирани

Владата на Унгарија од 1 мај дозволи фановите да можат да присуствуваат на натпреварите, но доколку сакаат да бидат присутни на трибини со себе треба да имаат и медицинска потврда односно специјален сертификат дека се вакцинирани против ковид-19 или дека го имаат прележано вирусот.

Исто така, донесени се и некои други правила во однос на присуството за натпреварите. Пред почетокот на натпреварите, сите заинтересирани треба да пристигнат во салата 2 часа порано. Откако ќе пристигнат, безбедносната служба ќе има задача да ги проверува личните карти и специјалните сертификати на посетителите.

На трибините, првите два реда треба да бидат празни, а потоа на секој ред треба да има и социјална дистанца и задолжително носење на маски. Забрането е присуство на малолетни лица на натпреварите. Сите лица под 18 години ќе можат да присуствуваат единствено со нивните родители.

Во зависност од големината на салата, клубовите ќе треба да одлучат колку посетители ќе можат да бидат присутни на натпреварот и колку поединечни карти ќе бидат пуштени во продажба.