Утешното трето место за Мешков Брест

Тимот на Мешков Брест го освои третото место на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига, откако славеше над Загреб со 23-29.

Хрватскиот шампион тргна одлично и поведе со 4-1 по десетина минути игра, но следуваа неколку промашувања на избраниците на Игор Вори, па Вајлупов, Обрановиќ и Врањеш израмнија на 4-4.

Потоа се играше гол за гол, а одлични во средината на првиот дел беа голманите Ашанин и Пешиќ. По водството на Загреб со 8-7, Мешков го презема водство со три гола во серија, 8-10.

„Плинарите“ имаа можност да ја намалат негатива, но Обрадовиќ не погоди, а ниту белорускиот тим не реализираше, па на пауза се замина со водство на Мешков Брест од два гола разлика, 12-14.

По десет минути игра во вториот дел, Врањеш ги донесе највисоките плус четири за Мешков Брест, 14-18. Белорускиот тим имаше три напади за плус пет, не реализираше ниту еден, па Загреб во 47. минута се врати во игра и намали на 19-20.

На десет минути до крајот беше 21-21, но Пешиќ влезе во серија и Мешков се врати во предност, 21-24, па Вори мораше да бара тајм-аут. Сепак неговите момци не успеаја да направат нов камбек на мечот, па Мешков ја одржа предноста до конечни 23-29.

Најдобри стрелци кај Загреб беа Обрадовиќ и Мандиќ со по четири голови, додека кај Мешков се истакнаа Вајлупов со шест, како и Врањеш и Јуринок со по пет погодоци. Завршниот турнир од СЕХА ќе заврши со големото финале  меѓу Вардар и Веспрем, што се игра од 20:30 часот.