Унгарското првенство е минато, ракометарите на ПИК Сегед имаат само една преокупација – Вардар

Иако челниците на унгарската ракометна федерација го поништија првенството и соопштија дека сезонава нема да бидат прогласени шампиони, сите ракометари на ПИК Сегед ќе останат во Сегедин.

Тие ќе ги продолжат подготовките за осминафиналните двобои против европскиот првак Вардар во Лигата на шампионите.

„ЕХФ се уште нема објавено крај на сезоната, па ние продолжуваме со работа. Сите играчи ќе го продолжат престојот во Сегедин и ќе работат на индивидуален план. Ние ќе ја чекаме одлуката на ЕХФ за продолжението на сезоната, а дотогаш тимот ќе се подготвува за дуелите со Вардар во јуни“, се вели во соопштението на сајтот на ПИК Сегед.

Термините за осминафиналните двобои меѓу Вардар и ПИК Сегед се 3/4 и 6/7 јуни, а последниот термин за откажување на овие натпревари е 15 мај.