Турција со „охриѓанецот“ Каракоч против Македонија, се враќа и ветеранот Доне

Селекторот на Турција, Окан Халај го објави поширокиот список на играчи пред дуелите против Португалија и Македонија од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024.

Ракометарите на Халај во квалификациите на двапати го совладаа Луксембург, но и во два наврати беа убедливо поразени од Португалија и Македонија и токму на последните два дуели ќе ја бараат шансата за евентуален пласман на континенталниот собир.

На списокот кај Халај фигурираат 35 играчи, од кои шест се интернационалци и 29  играчи од неколку турски суперлигаши. Меѓу избраните ракометари се наоѓа еден актуелен и еден екс играч на Охрид.

Станува збор за Ерај Каракоч, кој има солидни партии во македонскиот шампионат и довчерашниот член во тимот на Андоновски, Халил Озтурк. Повратник во турската репрезентација е искусниот десен бек Рамазан Доне од Сакарија, кој логично што е вратен на поширокиот, би требало да биде и на скратениот список.

Турција со победа против Португалија или Македонија би ги зголемила шансите за учество на Европското првенство.

За потсетување, пласман на Европското првенство во Германија ќе обезбедат сите осум пласирани први и втори во осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири третопласирани репрезентации.

Избраниците на Халај дуелот против Португалија ќе го одиграат на 26 април, додека на 30 април ќе гостуваат во Скопје.