Трилер дерби: Чаир не раздава бодови дома, Вардар си замина со пораз

Ракометарките на Чаир во дерби дуелот од Женската лига славеа на свој терен против лидерот на табелата во групата А, тимот на Вардар, со резултат 27:26. Чаир предводен од Теодора Гулицоска успеа да направи пресврт во вториот дел и да ги освои трите бода.

Дерби дуелот стартуваше со цврста одбрана на двете страни и голема борба за секоја топка. Домаќинот само во два наврати беше во водство во првото полувреме, а во остатокот од првиот дел ,,црвено црните” одиграа подобро, особено во одбраната. По водството на Чаир од 2:1, гостинките направија серија од 3:0, поведоа со 4:2 и до крајот на првиот дел беа во резултатска предност, која на моменти изнесуваше пет гола позитива.

Вардар најчесто преку Стефаноска и Трпевска доаѓаше до погодок, додека на спротивната страна Гулицоска, Ѓеоргиевска и Џакмиќ го одржуваа Чаир во живот. Избраничките на Царчев кон средината на првиот дел направија исчекор, се одлепија на 10:6, а пред финишот на првиот дел ги имаа највисоките пет гола разлика и водеа со 15:10. Сепак, Чаир не дозволи целосна доминација на гостинот и со три гола во низа намали на минус два. Резултатот по 30 минути игра гласеше 15:13 за гостинскиот табор.

Домашниот тим во продолжението успеа да се врати во игра и да се бори за освојување на бодовите. Откако Вардар водеше со 19:16, ракометарките на Љатифи со серија од 4:0, односно со погодоците на Гулицоска, Николовска и Реџеп, направија целосен пресврт во 40 минута и го презедоа водството, поведоа со 20:19.

Гостинот излезе од кризата и со голот на Стефаноска израмни на 20:20 во 42 минута. Следуваше период, во кој двете екипи влегоа во серија на технички грешки. Чаир успеа да заигра поангажирано и во 45 минута дојде до највисоките два гола разлика, 22:20, но набрзина гостинките израмнија на 22:22.

Постојаната резултатска тензија беше причина за составот на Чаир да влезе со активен резултат од 24:22 во финишот од натпреварот. Во моментите кога се кршеше резултатот проработи носителот на играта во домашниот табор, левиот бек Гулицоска, која на својот тим во 57 минути му донесе водство од 26:24. Во последните минути се играше гол за гол, па така немаше промена на резултатот.

Најефикасни во победничката екипа беа Теодора Гулицоска со девет и Марија Николовска со пет погодоци. Кај Вардар се истакна Сара Стефаноска со 12 гола, кои беа недоволни за поволен резултат.