Трефилов ја пофали Вјахирева, но истакна: Не би правел споредба дека е ракометниот Меси!

Тимот на Вајперс Кристијансад со победата над Ференцварош од 34:30 во финалето од Лигата на шампионите успеа да ја одбрани шампионската титула и по третпат по ред  се искачи на европскиот трон.

Голема улога во тимот од Норвешка одигра репрезентативката на Русија, Ана Вјахирева, која беше прогласена за МВП на Ф4 турнирот во Будимпешта.

Русинката во полуфиналето против Ѓер беше стрелец на пет погодоци, додека на финалниот дуел против Ференцварош беше најефикасна со шест погодоци и заслужено беше прогласена за најкорисен играч на завршницата.

Екс тренерот на женската репрезентација на Русија, Евгениј Трефилов, во разговор за руската новинска агенција ТАСС, истакна дека нема потреба на Вјахирева да и се доделуваат епитети дека е ракометниот Меси.

,,Ана Вјахирева е уникатна ракометарка, но тешко е да се спореди нејзиниот талент со фудбалерот Лионел Меси. Секако, мило ми е што ја освои Лигата на шампионите. Таа игра навистина добро, но кога зборуваме за ракометниот Меси… сепак не би правел такви споредби”, изјави Трефилов.

Вјахирева претходно играше за Ростов Дон, Астраханочка и Звенигород. Со репрезентацијата на Русија најголемиот успех го постигна во 2016 година кога беше освоено златото на Олимписките игри.

Избрани најдобрите: Ана Вјахирева е МВП на Ф4, Реистад е нај стрелец