„Тренинзите во Монпелје траат по пет часa”

Првиот голман на репрезентацијата на Хрватска и француски Монпелје, Марин Шего го заврши првиот дел од подготовките со тимот и веќе го користи петдневниот одмор во својата земја.

Додека остантите екипи подготовките ги започнаа кон крајот на јули и почетокот на август, ракометарите на Монпелје за новата сезона започнаа со тренинзи уште во јуни.

Марин Шего во интервју за sportske.jutarnji.hr опиша како се организирани тренинзите во Монпелје во согласност со условите и според строгите протоколите пропишани во Франција. Како што вели голманот ова се неговите најдолги претсезонски подготовки во кариерата, а како помошник на Канаје на тренинзите се појави и Дидие Динар.

„Ние први започнавме со тренинзи во Франција, додека од останатите клубови никој не започна пред средината на јули. Првиот месец работевме во Монпелје, тренинзите ни траат од 8 до 13 часот. Според правилата смее да се тренира само еднаш на ден, а тоа кај нас беше сложено организирано. Од осум часот имаме трчање или теретана, потоа заеднички појадок и продолжуваме во климатизирана сала уште еден час и четириесет минути. Можеби е малку напорно но веќе е тоа позади нас, мислам дека добро се подготвивме кондициски и ќе биде полесно кога ќе започнат натпреварите“, коментираше Шего.

Монпелје во претстојната сезона нема да биде дел од Лигата на шампионите, а претставници од Франција се ПСЖ и Нант. Тимот на Патрис Канаје ќе се натпреварува во Лига Европа и ќе го започне натпреварувањата уште во квалификациската фаза.