Трајкоски се враќа во составот, битолчани со три десни бека и три десни крила против Кадетен (ФОТО)

Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва го играат последниот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа. Ривал е швајцарскиот првак Кадетен Шафхаузен, кој успеа да освои бод на првиот меч во Битола, иако нашиот тим водеше и со плус седум.

Во тимот на Жељко Бабиќ ќе недостигаат голманот Хендави поради проблем со визата, потоа повредените Кукуловски, Маџовски, Кушан и Вегар, како и Кузманоски и Петровски, кои не се пријавени за настап на овој дуел.

Товарот на левата и средната бековска позиција ќе падне само на Мандалиниќ, Танкоски и Периќ, а Ојлески е единствено лево крило. Десната страна е покриена со шестмина левораки ракометари, додека во ростерот по подолго време се враќа Благојче Трајкоски.

Натпреварот меѓу Кадетен Шафхуазен и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во „ББЦ Арена“ со почеток во 20:45 часот.