Трајковски и Чурлевски со СИФ веднаш зад најдобрите во Финска

Тимот на Сјундеа ИФ каде што играат македонските интернационалци Игор Трајковски и Филип Чурлевски, ремизираше во претпоследниот натпревар од оваа полусезона против ХИФК, 29-29.

Иако домаќинот СИФ водеше во поголем дел од мечот, како и на полувреме со 14-11, сепак на крајот испушти победа и гостинот си замина со бод.

Трајковски беше стрелец на четири погодоци, а Чурлевски постигна два. Следен предизвик ќе биде исто така дуел на домашен терен против АИФК.

СИФ на табелата е веднаш зад најдобрата тројка од финскиот ракомет. Дикен води на табелата со 24 бода, Кокс е втор со 20, додека БК-46 е трета со 12 бодови. СИФ е на четвртата позиција со девет бода, но и два меча помалку од конкурентите.