ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Мелсунген најде замена за Касадо, Алиловиќ официјално во Висла Плоцк, Андерсон ќе игра на 41 година

  • Тимот на Мелсунген, кој е предводен од поранешниот тренер на Вардар, Роберто Гарсија Парондо, за следната сезона ангажираше ново засилување. Станува збор за средниот бек од Тулуз, Ерик Баленсиага. Шпанецот во бундеслигашот ќе биде замена за неговиот сонародник Аугустин Касадо. Како што е веќе познато, Касадо на лето ќе се пресели во Веспрем, па така раководството на Мелсунген беше во потрага по квалитетна замена.
  • Полскиот вицепрвак Висла Плоцк денес ја официјализираше соработката со голманот Мирко Алиловиќ. Искусниот голман од Хрватска, кој последните пет сезони ги мина во ПИК Сегед, со раководството на клубот од Плоцк се договори на едногодишен договор, со можност за продолжување на истиот, доколку двете страни бидат задоволни од соработката. За Алиловиќ имаше интерес и од португалскиот Порто, романскиот Динамо Букурешт, српската Војводина и некои германски клубови, сепак, тој се реши за Висла Плоцк.
  • Поранешниот репрезентативец на Шведска, Ким Андерсон, иако има 40 години, не планира да ја заврши својата кариера. Неговите одлични настапи во Лига на Европа оваа сезона беа причина да добие понуди од неколку европски клубови, но сепак, неговиот актуелен клуб Иштад објави дека е продолжена соработката со некогашниот ракометар на Кил, па така Андерсон ќе биде активен на терените и во следната натпреварувачка сезона.
  • Екипата на Оденсе за новата сезона се засили со репрезентативката на Шведска Нина Дано. Швеѓанката, која од 2021 година настапува во данскиот шампионат, со тимот на Оденсе потпиша договор на три сезони. Десниот бек на Европското првенство 2022 заработи повреда на скочниот зглоб и моментално се наоѓа во процес на рехабилитација. Оденсе во следната сезона ќе биде предводен од новиот тренер Оле Густав, а во тимот ќе пристигнат уште неколку засилувања.
  • Голманот на Белорусија, Вјачеслав Солдатенко се врати во редовите на Амичитија Цирих, клуб во кој настапуваат двајцата ракометари од Македонија, Мартин Поповски и Филип Арсеновски. Белорусинот беше дел од Амичитија Цирих, но во јануари замина за Катар, потпиша за Ал Ахли и откако не беа испочитувани некои начела од неговиот договор, одлучи да направи камбек во швајцарскиот суперлигаш.