ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Екс вардарец пред потпис со Мелсунген, Тонесен во ПСЖ, Будуќност со ново засилување

  • Поранешниот ракометар на Вардар, Бакари Диало се наоѓа пред трансфер во Мелсунген, пренесува „RTH Handball“. Левиот бек настапува во Тулуз, но најверојатно во следната сезона ќе биде дел од тимот на Роберто Гарсија Парондо, кој полека ги ,,собира” поранешните странски ракометари од Вардар.
  • Тимот на ПСЖ во следната сезона ќе биде посилен со репрезентативецот на Норвешка, Кент Робин Тонесен. Норвежанецот во редовите на ПСЖ ќе биде замена за екс ракометарот на Вардар, Даинис Кристопанс. Тонесен во својата интернационална кариера настапуваше и за екипите на Савехоф, Халсун, Фуксе Берлин и Веспрем. Моментално го носи дресот на ПИК Сегед, клуб во кој настапува од ланската сезона.
  • Полскиот вицепрвак Висла Плоцк по продолжувањето на договорот со Ловро Михиќ, во тимот го задржа и  репрезентативецот на БиХ, кружниот напаѓач Мирсад Терзиќ. Искусниот ракометар, кој во тимот од Плоцк пристигна во текот на 2020 година од редовите на Веспрем, со полскиот клуб се договори на нова соработка и во тимот на Хавиер Сабате ќе остане уште една сезона.
  • Црногорскиот шампион Будуќност полека го комплетира ростерот за новата натпреварувачка сезона. Раководството на Будуќност денес го промовираше новото засилување. Станува збор за повремената репрезентативка на Германија, Ана Катрин Гигерих. Германката е четврто засилување во Будуќност за следната сезона, откако клубот претходно се засили со репрезентативката на Франција, Калиадату Ниакате, како и со двете репрезентативки од Турција, Бејза Карачам и Неслихан Чалискан.
  • Некогашниот репрезентативец на Франција, Вилијам Акамбре во следната сезона ќе има нов предизвик. Ракометарот кој моментално настапува во екипата на Екс ан Прованс, на лето ќе му се приклучи на Саран Луаре. Според француските медиуми, левиот бек во Саран Лауре ќе остане најмалку две сезони.