ТРАНСФЕР БОМБА: Кирил Лазаров ќе биде нов тренер на Алкалоид

Најдобриот македонски ракометар кој зад себе има бројни трофеи и рекорди, Кирил Лазаров по завршувањето на играчката кариера во Нант, најверојатно ќе седне на клупата на новиот македонски машки суперлигаш Алкалоид.

Подолго време во ракометните кругови се шпекулираше со можноста Лазаров да се врати дома и да продолжи како тренер. Таквите информации се засилија последните недели, и од извори блиску до двете страни се тврди дека договорот меѓу клубот и Лазаров веќе бил постигнат.
Во следниот период треба да стигне и официјалната потврда, веројатно кога ќе завршат репрезентативните обврски на македонскиот селектор.

Лазаров се поврзуваше со можно продолжување со Нант и тоа како дле од стручниот штаб, но откако клубот му приреди спектакуларно простување без најава за промена на функцијата беше јасно дека ќе бара нов предизвик. И во изјавите од Франција, Лазаров потврди дека можеби ќе работи во некој клуб.

Досегашниот тренер Љубомир Савевски кој успешно ја заврши дебитантската сезона на тимот и без пораз од Прва лига успеа да влезе во елитата ќе биде посветен целосно на женската ракометна репрезентација која во ноември ќе игра на ЕП чиј кодомаќини сме ние заедно со Словенија и Црна Гора.

Тимот на Алкалоид веќе се подготвува за новата сезона во елитното друштво и покрај млади и талентирани играчи ќе има и неколку искусни ракометари, и повеќе актуелни репрезентативци на Македонија. Досега тимот го засилија Марко Митев, Никола Маркоски и Благојче Трајкоски.

Се очекува освен тимот во Супер лига, Алкалоид да пријави и тим во Прва лига, каде би играле помлади ракометари. Тој тим веројатно би го водел Бранислав Ангеловски или Билјана Црвенковска.

Уште лани во јули Лазаров заедно со Живко Мукаетов, актуелниот претседател на РФМ го најавија новиот проект на компанијата во која влегоа дел од школите на Лазаров. Тој тренерската кариера веќа ја почна како селектор на Македонија и настапивме на ЕП во Унгарија во јануари.

Во новата сезона Алкалоид ќе биде во група заедно со тимовите на Струга, Вардар Неготино, Бутел, Прилеп, Куманово, Вардар и Охрид.

Натпреварите во првиот дел од сезоната ќе се играат по двокружен систем (секој со секого по еднаш дома и во гости), и ќе се играат 14 кола. По завршување на 14 кола од регуларниот дел ќе се разигрува за титулата во плејофот, и тоа првите четири екипи од двете групи. Екипите од 5 до 8 место од двете групи во регуларниот дел ќе разигруваат за опстанок.