Тимот на Вујо блиску до Ф4: Татран водеше со пет голови, но на крајот Загреб победи со четири

Ракометарите на Загреб се многу блиску до пласман на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига, откако славеа на гостувањето кај Татран Прешов во првиот четвртфинале натпревар со 21-25.

Домаќините отворија со водство од 6-1 во првите десетина минути, но како одминуваше времето, така избраниците на Веселин Вујовиќ се враќаа во игра и до паузата израмнија на 11-11.

Беше 14-12 за Татран во вториот дел, но оттогаш домашните не постигнаа гол десет минути, а Загреб даде пет, па во 44. минута беше 14-17. До крајот „плинарите“ не попуштија во темпото и го затворија мечот со конечни 21-25.

Најдобри стрелци кај победникот беа Давид Мандиќ со шест гола од шест обиди и Марин Шипиќ со четири погодоци, додека во домашниот состав се истакна Бразилецот Педро Пачеко со девет голови.