Тиквеш подобар од Скопје

Тиквеш пред домашна публика ги одбрани бодовите во рамките на 11. коло од македонската Суперлига откако беше поуспешен од Скопје 30-27(15-11).

Домаќините од самиот почеток ја преземаа контролата над резултатот, но иако разликата во одредени периоди од натпреварот се приближуваше на двоцифрената граница, сепак несигрноста во играта на домаќините им дозволи на гостите од Скопје да се надеваат на повеќе. На крај високата предност до десет голови кои ја имаа во средина на второто полувреме пресуди Тиквеш да запише нови бодови во група 2 од македонската Суперлига.

По воведното водство на гостите од Скопје и период кога голманите беа во преден план, Тиквеш успеа да создаде предност од два гола, а до средина на првиот дел разликата се зголеми на високи 12-5. Сепак Скопје успеа да ја консолидира својата игра па крајот на првиот дел намали голем дел од негативата. Првите триесет минути завршија со резултат 15-11.

На почетокот на вториот дел Скопје со два погодока во низа ја врати неизвесноста на овој дуел и го намали водството на противникот на само два гола, 15-13. Но повторно следуваше период на грешки, Тиквеш беше подобар во одбрана па разликата како во првиот дел рапидно се зголеми овојпат на највисоки десет голови предност.

Наместо натпреварот да го одведат во мирен финиш, домаќините дозволија гостите од Скопје да се приближат до четири голови негатива, а во самиот финиш да ги постават и конечните „минус три“ при резултат 30-27.

Најпрецизен за домаќините беше Симиќ со 7 голови, го следеше Темелковски со 5, а Димовски, Коцев и Хамзиќ постигнаа по 3 погодоци. Скопје го предовдеше Марио Мишевски со 7 голови, Јакимовски постигна 5.