Тешка победа за Кузмановски на гостувањето кај Пешевски

Во неделниот термин од 16 часот во Бундес лигата македонските репрезентативци Жарко Пешевски и Филип Кузмановски имаа меѓусебен дуел. Исто така уште еден интернационалец беше на теренот, Мартин Томовски со Лудвигсхафен.

Победник во македонската пресметка беше Кузмановски со Магдебург кој славеше на теренот во Штутгарт со 29:27. Македонските претставници имаа ист учинок на натпреварот со по два постигнати гола. Со оваа победа Магдебург останува на третата позиција со само еден бод помалку од второпласираниот Фленсбург.

Мартин Томовски со Лудвигсхафен беше поразен на гости кај Лајпциг со 32:27. Томовски за времето поминато на теренот успеа да забележи пет интервенции. Овој пораз Лудвигсхафен го остава во опасната зона за испаѓање.

Во останатите дуели шампионот Фленсбург успеа да слави на гостувањето кај Фуксе Берлин со 35:33, додека Хановер пред своите гледачи загуби од Гепинген со 30:32.