Теренот го замени со фотелја: Марко Вујин е нов потпретседател на Војводина!

Поранешниот ракометар на Вардар и екс репрезентативец на Србија, Марко Вујин, кој пред една сезона ја заврши својата кариера, одлучи да остане во ракометот, но во поинаква улога.

Според пишувањата на српските медиуми, Вујин ќе биде потпретседател на екипата од Нови Сад, Војводина, која во новата натпреварувачка сезона ќе има задача да ја одбрани титулата во домашното првенство и да го врати Куп трофејот во свои раце.

Вујин својата играчка кариера ја започна во Синтелон од Бачка Паланка, а настапуваше и за Дунафер, Веспрем, Кил, Спортинг и за македонскиот шампион Вардар.

Во дресот на „црвено-црните“ дојде како големо засилување во сезона 2020/21, но одигра само шест месеци во двократниот европски шампион од Македонија и реши сезоната да ја заврши во ПИК Сегед од Унгарија.

Војводина за новата сезона ги ангажираше Милош Грозданиќ, Живан Пешиќ, Марко Васиќ, Фран Лучин, Марин Бунета, репрезентативецот на Тунис, Идрис Идриси, како и репрезентативецот на Белорусија, најзвучното засилување Борис Пуховски.