Темелковски се враќа во Пролет, но Лембанов останува главен тренер

Поранешниот селектор на Македонија, кој ги има постигнато најголемите успеси со младинските селекции, Илија Темелковски после неколку години се враќа во редовите на Пролет, но овој пат со нова улога.

Темелковски, кој во минатото долго беше на клупата на Пролет, сега ќе има улога на стручен координатор на сите селекции на овој тим, додека Алексо Лембанов ќе продолжи да ја извршува функцијата прв тренер на клубот од Супер лигата.

„Ние сме клуб што секогаш им дава шанса на младите македонски играчи, сега сакаме да му дадеме можност за докажување и на млад македонски тренер. Лембанов е стратег што поседува квалитети што ние ги препознаваме и веруваме дека под негово водство тимот ќе стигне до посакуваните резултати во вториот дел од сезоната“, велат од клубот.

Како што е познато тимот на Пролет во финишот од есенскиот дел од сезоната се раздели со тренерот Андон Бошковски, па Лембанов го водеше тимот на последните средби од 2021 година.

Инаку, Пролет уште нема сигурно место во плеј-офот и во февруари ќе треба да се обиде да дојде до едно од првите шест места кои водат во разигрувањето за титулата.