Тајник: Против Колстад ќе бидеме на ниво и ќе победиме!

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер в среда го започнува настапот во Лигата на шампионите против норвешкиот Колстад.

Едно од новите засилувања на тимот е средниот бек од Словенија, Домен Тајник, кој верува дека против Колстад тој и соиграчите ќе бидат на ниво.

„Откако дојдов во клубот, добро сум прифатен. Го загубивме Суперкупот, но верувам дека ќе биде подобро. Екипата е нова и ни треба воигрување. Се надевам дека на тренинзите ќе ги поправиме грешките. Верувам дека против Колстад ќе бидеме на ниво и ќе победиме“, вели Тајник.

Освен Колстад, битолчани ќе играат против екипи како Алборг, ПИК Сегед, Кил, ПСЖ, Келце и Загреб. Тајник верува дека Еурофарм Пелистер може против секој да игра.

„Лигата на шампионите е сон на секој ракометар. Еурофарм Пелистер е добра екипа која може да игра против секој противник и се надевам дека ќе дадеме сè од себе. Дома, пред полна сала, можеме да изненадиме секого“, заврши Тајник.

Првиот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Колстад се игра в среда на 13 септември од 18:45 часот.