Татран го совлада Партизан, Вардар засега останува прв

Екипата на Татран Прешов ја забележа втората победа во регионалната СЕХА лига, откако во првиот меѓусебен дуел против Партизан славеше со 29:25.

Со денешниот исход од овој дуел, македонскиот шампион Вардар останува на првото место на табелата во групата Б.

Избраниците на Владо Недановски имаат шест бода, ист број на бода има и Татран Прешов, но ,,црвено-црните” поради подобрата гол разлика во дуелот со тимот од Словачка остануваат на лидерското место.

Реванш дуелот меѓу Татран Прешов и Партизан ќе се одигра на 27 март.

Воведниот дел им припадна на гостите од Белград, кои поведоа со 4:1, но како одминуваше времето домаќинот воспоставуваше сигурна контрола на резултатот.

По водството на Татран Прешов од 14:12 на полувреме, во вториот дел словачкиот шампион се почесто доаѓаше до погодок и во последниот период успеа да направи поубедлива разлика.

Најефикасни во победничката екипа беа Ерик Фенар со седум и Никола Ивановиќ со шест гола.

Голманот на Татран Прешов, Игор Чуприна имаше свој ден, запиша 13 интервенции.

Кај Партизан најрасположен беше Никола Зечевиќ со пет реализации, додека Урош Којадиновиќ и Младен Сотиќ запишаа по четири погодоци.