Танкоски: Ако одиграме на ниво, ќе славиме против Мотор

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во рамки од 4. коло од Лига на Европа ќе гостуваат во Дизелдорф кај Мотор и ќе се обидат да ја запишат втората победа во новата натпреварувачка сезона на европска сцена.

Избраниците на Ларс Валтер на свое конто имаат една победа, против Агуаш Санташ и два порази, од Архис и Фуксе Берлин.

Еден од носителите на играта во битолскиот тим, средниот бек Марио Танкоски очекува победа на незгодното гостување кај Мотор, кој во претходните три дуели забележа исто толку порази.

,,Натпреварот против Мотор за нас е многу важен, бидејќи со нив ќе водиме битка за продолжување во следната фаза. Се подготвуваме за противникот од Украина, претежно составен со украински ракометари, но мислам дека ние сме фаворити и имаме големи шанси да се радуваме. Останаа таму само украински ракометари, со 2-3 странци. Високи и спори се и треба да ги наттрчаме, да играме наш ракомет и верувам дека нема да имаме проблем. Имаме многу повредени ракометари, Суси веќе е опериран и се рехабилитира, Руди Сери мислам дека е загубен за оваа сезона. Имаме проблеми со ротација и мора да играме исти ракометари, десет играчи се здрави и за македонско првенство и за Европската лига. Посебно е напорно овие дваесеттина дена до крајот на полусезоната, бидејќи имаме два натпревари неделно. Мора да се собереме, заедно да смогнеме сили, да ги издржиме овие дваесет дена и ќе биде сè во ред”, изјави Танкоски.

Натпреварот меѓу Мотор и Еурофарм Пелистер ќе се одигра на 29 ноември (вторник), со почеток од 18:45 часот.