Тамше: Мора да имаме ладна глава и жешко срце во пеколната атмосфера пред „Чкембари“

Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва го играат реванш осминафиналниот натпревар против хрватскиот Нексе Нашице во Лигата на Европа.

Тренерот на гостите, Бранко Тамше посакува неговите играчи да наметнат свој стил на игра и да се снајдат во пеколната атмосфера во „Боро Чурлевски“.

„Имавме долг и напорен пат до Македонија, но затоа тргнавме еден ден порано. Влогот е голем, можеме да оствариме пласман во четвртфинале, што за нашиот клуб би било огромен успех. Сакам моите играчи да останат со ладна глава и жешко срце во пеколната атмосфера што ќе ја приредат навивачите Еурофарм Пелистер. Свесни сме дека доста простор за напредок во нашата екипа. Нашиот план е играчите да се навикнат што порано на бучната атмосфера што ќе трае 60 минути и да се обидеме да наметнеме наш ритам и стил на игра. Во домашната екипа се врати Јосип Периќ, а тоа е уште една опасност за нас, но ги анализиравме сите играчи на Еурофарм Пелистер. Атмосферата ќе биде бучна, домашните навивачи ќе пеат и ќе ја бодрат својата екипа. Овој амбиент секако треба да се доживее, поради тоа тренираме и играме, се надевам дека ќе играчите ќе уживаат и тоа ќе им биде дополнителен мотив да дадат се од себе“, вели Тамше.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Нексе се игра вечерва во „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:45 часот.