Талески: Шампионскиот дух се уште живее во соблекувалната на Вардар!

Еден од лидерите на Вардар во новата сезона на регионалната СЕХА лига е Филип Талески, кој по две кола е прв на листата на стрелци. На 14,5 години Филип Талески дебитираше во СЕХА лигата, а вистински експлодираше и ја потврди својата играчка зрелост кај Владо Недановски.

Сега Филип Талески е „прва виолина“ во Вардар, бек со силен шут, и кога на тимот не му оди тој има решение. Прераснува во лидер, во носител на играта кој знае да ја преземе одговорноста во клучните моменти. Тренерот му дава шанса, а тој возвраќа со добри игри и голови.

„Се покажува последниве сезони дека тоа е добра одлука на тренерите бидејќи ми даваат шанса и доверба. Прво од доаѓањето на Недановски како замена на Веселин Вујовиќ, па доаѓањето на Давид Дејвис кога повторно имаше инструкции од Недановски и забелешка декатреба повеќе да играм. И тоа го покажав најдобро на терен кога се решаваше титулата и купот. Потоа продолжив и во домашното првенство кое станува сепосилно. Има добри екипи и играчи и треба на секој мече да се игра максимално, вели Филип Талески во интервју за сајтот на СЕХА лигата.

Вардар сезонава повторно имаше промени во екипата. Заминаа доста играчи, сега на полусезона дојдоа неколкумина нови. Сега ростерот е поинаков, ама менталитетот остана ист.

„Силата на Вардар е токму тој менталитет. Во соблекувалната се уште живее тој шампионски дух. Го чувствувам преку Стојанче Стоилов. Преку се, самото влегување негово во соблекувална покажува дека Вардар е тоа што треба да биде. И во соблекувалната и салата, па и сите тие постери што постојат по ходниците во салата, пред влезот на соблекувалната. Вардар е европски шампион, и така треба да биде.

Талески ја игра својата трета сезона во Вардар, а можеби ќе остане уште некоја плус.

„Сега треба прво даразговарам со нашиот претседател. Имавме разговор пред СП, но онака за екипата, очекувањата, за СП. Сега треба да договараме што понатаму. Се надевам тоа ќе биде најдобро, вели Талески.

Целото интервју со Талески може да го прочитате ТУКА.