Сè ќе се решава во последното коло, Скопје 2020 го совлада Металург РА

Екипата на Скопје 2020 остана во игра за обезбедување директно место во Супер лигата откако денеска запиша победа против Металург РА со 31:29 во рамки на 13. коло од плеј-оф групата во Првата лига.

Ракометарите на Металург РА во првите десет минути имаа контрола на резултатот и водство од еден гол разлика. Домашната екипа преку Чакалиќ и Грујовски направи пресврт и најави интересен натпревар. По 15 минути игра, Скопје имаше предност од 9:8.

Во продолжението имаше големата борба за секоја топка, а на полувреме екипата на Металург РА замина со предност од 14:13.

Вториот дел почна со подобра игра на Скопје и брзо израмнување на 15:15, за потоа со 3:0 да се дојде до предност, 18:15. И двете екипи имаа падови во играта, атоа овозможи екипата предводена од Владимир Глигоров да се врати во игра за бодовите и да израмни на 20:20 во 45. минута. Сепак, Скопје речиси целосно ги искористи грешките на Металург РА и во последните десет минути влезе со предност од три разлика, 26:23.

До крајот, избраниците на Андријана Будимир контролирано ја зачуваа предноста и не дозволија противникот да направи повторно пресврт.

Најефикасен во екипата на Скопје беше Бојан Чакалиќ со осум гола, додека неговиот колега, Марио Мишевски постигна седум. Во составот на Металург РА, Филип Фидановски беше прв стрелец со осум гола.

После овој натпревар тимот на Скопје 2020 има 32 поени и во моментов има три повеќе од Шампион. Сепак, тимот на Шампион утре гостува во Неготино, па јасно е дека директниот дуел на двете водечки екипи ќе одлучува за првото место.