„Сè до 20-тата година не знаев дали ќе бидам фудбалер или ракометар“

Бразилскиот репрезентативец и специјалист за одбрана на Барселона, Тијагуш Петруш во интервју за клупскиот сајт откри дека неговиот идол всушност е негов сегашен соиграч во Барселона.

Петруш во детството започнал да тренира фудбал, но откако на 13 години го сменил училиштето, таму немало фудбал па тој започнал да игра ракомет. Тој сè до 20-тата година не знаел дали ќе продолжи со ракомет или ќе се врати на фудбалот.

„Вистина е дека сè до 20-тата година не знаев дали ќе бидам фудбалер или ракометар. После настапот на Светското младинско првенство сфатив дека ракометот е мојата иднина. Мојот идол во ракометот е Седрик Сорендо, но тој не го знае тоа иако сме соиграчи. Тој е играч што има освоенo сè и тоа е мојата цел која сакам да ја постигнам. За моја среќа делам соблекувална со него, заедно патуваме и тоа многу ми помага во мојата кариера“, рече Петруш.

Бразилецот прво настапуваше во домашното првенство во екипата на Пињеирос од 2007 до 2011 година, потоа премина во шпанската Ла Риоха. Следуваше трансфер во ПИК Сегед и конечно во 2018 година потпиша за Барселона.