Суспензијата преполовена, Нолевска може да игра ракомет од септември!

Романскиот „Про Спорт“ објави дека казните на дел од ракометарките на Корона Брашов инволвирани во допинг скандалот се преполовени.

Вкупно 18 ракометарки на екипата беа суспендирани од крајот на минатиот ноември поради сомнение дека користеле недозволена ласерска терапија, која стои на листата на забранети терапии на Анти-допинг агенцијата.

Меѓу суспендираните беше и репрезентативката на Македонија, Наташа Нолевска. Суспензијата во прв момент беше привремена, но потоа и потврдена. Три ракометарки беа суспендирани на 15 месеци (Хосу, Ласло и Базалиу), шест беа на 16 месеци (Лопатару, Бучеши, Букур, Нолевска, Гомез и Павичевиќ) и девет на 20 месеци (Чиучиулете, Чапрар, Лакатуш, Неагу, Патулеану, Попеску, Тирка и Тимошенкова).

Според пишувањата на „Про Спорт“, Националната Антидопинг агенција побарала од ВАДА преполување на казните, па Хосу, Ласло и Базалиу веќе можат да се вратат на терените, додека ракометарките од втората група што беа суспендирани на 16 месеци (меѓу кои и десното крило Нолевска) ќе можат да играат од септември.

Оние што се дел од третата група и беа суспендирани на 20 месеци, ќе мора да чекаат до февруари 2021 година, бидејќи подоцна ја „признале“ вината и нема да добијат преполовени казни.