Супер финиш за голем триумф: Седум перфектни минути за втора победа на Македонија Б

Вториот тим на Македонија имаше одлична завршница на средбата против БиХ и успеа да надомести негатива од дури пет гола, па на крајот се избори за победа од 29:28.

Неверојатните последни седум минути во кои не беше примен ниту еден погодок, а беа постигнати вкупно шест донесоа комплетен пресврт и победа со што втората екипа на Македонија се постави во позиција утре да решава против првиот состав за 2. место на турнирот.

Во моментите кога беше најпотребно одбраната почна да игра одлично и успеа да ги запре противничките ракометари така што на крајот се радуваше на победа откако на 20 секунди до крајот имаше реализација за 29:28 од страна на десниот бек Димовски.

БиХ беше во постојана предност и имаше водство кое најавуваше победа. Сепак, оние 15:11 од крајот на првото полувреме не беа одбранети, па радоста оди за Македонија Б.

Инаку, БиХ денеска од 20 часот ќе игра против првиот состав, а на овој натпревар Македонија ќе влезе како фаворит.