Судот пресуди во корист на Јохансон, ЧСМ Букурешт мора да му плати отштета

Екипата на ЧСМ Букурешт ќе мора да му плати 58.921 романски леи или околу 12 илјади евра на шведскиот тренер Магнус Јохансон кој беше отпуштен по само осум натпревари.

Судот ја прифатил тужбата на Јохансон кој го тужеше клубот откако беше разрешен од тренерската позиција. Пресуден за неговиот отказ беше поразот од Битигхајм во Лигата на шампионите кој беше трет од осум натпревари.

Јохансон не е единствениот тренер кој го тужеше ЧСМ Букурешт, исто така и Томас Риде најави дека правдата ќе ја побара на суд. Тренерите кои потпишуваат за ЧСМ Букурешт во договорите започнаа да ставаат клаузула која им гарантира во случај да бидат предвреме отпуштени ќе ги добијат своите пари.

Откако во 2013 година во ЧСМ започнаа поголемите вложувања клубот го воделе осум странски тренери. Најчесто договорите беа потпишувани на две години, но ниту еден не го одработи до крај. Томас Риде, Магнус Јохансон, Хеле Томсен, Јакоб Вестергард го водеа клубот од три до осум месеци, а Мете Клит го водеше ЧСМ година и пол.

ЧСМ Букурешт многу пари фрли во празно со честото менување на тренерите кои земаа големи отштети за предвремено раскинување на договорите. Според романските медиуми некои од тренерите како Јакоб Вестергард и Хеле Томсен имале плата и од по 10 илјади евра, а нивното раскинување на договорите го чинело клубот и стотици илјади евра.