Судот на ЕХФ ја одби жалбата, Русите остануваат надвор од европскиот ракомет!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска преку официјалната страна соопшти дека ракометниот суд на европската ракометна куќа ги донесе своите одлуки во врска со жалбите поднесени од ракометната федерација на Русија и рускиот клуб ЦСКА Москва, кои имаа понесено жалби, откако Извршниот комитет на ЕХФ на 28 февруари одлучи да ги суспендира руските и белоруските клубови и репрезентациите на двете земји поради сутиацијата во Украина.

Ракометниот суд на ЕХФ без никакво размислување ги отфрли сите жалби кои пристигнаа на негова адреса од руската ракометна федерација и од женскиот клуб на ЦСКА Москва, кој имаше високи аспирации за пласман на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

Одлуката на Извршниот комитет на ЕХФ е потврдена и останува во сила. Руската федерација и ЦСКА Москва остануваат да бидат суспендирани од сите активности под капата на ЕХФ на неодредено време.

,,Ракометниот суд на ЕХФ се согласи дека суспензијата на руската ракометна федерација од сите ЕХФ активности беше пропорционална одлука од перспектива на целокупната слика на ракометот”, стои во дел од соопштението на ЕХФ.

Двете страни, односно руската ракометна федерација, како и ЦСКА Москва во рок од седум дена може да поднесат жалба пред Апелациониот суд на ЕХФ, но не се очекува никаква промена во корист за руската страна. Во екипата на ЦСКА Москва, моментално, настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска.

ЕХФ ги суспендираше клубовите и репрезентациите од Русија и Белорусија!