Стружани на незгодно гостување во Прилеп: Никако не смееме да го потцениме противникот!

Ракометарите на Струга во рамки од 11. коло од Суперлигата ќе гостуваат во Прилеп кај истоимената екипа и ќе се обидат со победа да ги сочуваат шансите за пласман во плеј-оф фазата. Првиот меѓусебен дуел меѓу двете екипи сезонава заврши без победник, 25:25.

Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски е претпазлив за неделниот дуел против Прилеп, истакнувајќи дека ќе треба да се даде максимумот за да се дојде до освојување на трите бодови.

,,Не очекува тешко гостување во Прилеп кај истоимената екипа, која покажа дека е многу незгодна, иако во споредба со минатата сезона направи многу измени во својот тим. Првиот наш дуел сезонава заврши нерешено и тука се виде дека Прилеп е квалитетна екипа. Секако дека одиме на победа и освојување на три бода на наше конто, но никако не смееме да го потцениме составот на Прилеп, бидејќи оваа сезона и екипите кои се наоѓаат во долниот дел на табелата покажаа дека знаат да бидат доста незгодни против најголемите фаворити”, изјави Ферукоски.

Според Ферукоски, екипата на Прилеп е најопасна од позицијата лев бек и десно крило.

,,Тимот е најопасен од позицијата лев бек и десно крило, односно од носителот на играта Давор Шокоски, како и од искусниот Реваз Чантурија, но и на останатите позиции имаат ракометари, кои можаат да направат многу проблеми. Мислам дека моите играчи ќе одговорат на задачата од стручниот штаб и се надевам дека со победа ќе се вратиме од ова гостување. Со победа, остануваме во игра за пласман во плеј-оф фазата. Моментално, сме позиционирани на 5. позиција на табелата, заостануваме на пет бода во однос на Бутел и Охрид и токму со победа против Прилеп ќе ги задржиме шансите за плеј-оф”, заврши Ферукоски.

Натпреварот меѓу Прилеп и Струга ќе се одигра в недела (20 ноември), со почеток од 18:00 часот во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп.