Стружани едногласни: Не одигравме според договорот, примивме многу лесни голови

Екипата на Струга во рамки од 12. коло од Суперлигата на свој терен беше убедливо поразена од Алкалоид со 44:29.

Победникот беше решен уште по првиот дел, кога избраниците на Кире Лазаров направија солидна залиха од осум гола, а во вториот дел само ја сочуваа и рутински го доиграа мечот.

Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски смета дека неговите избраници не одиграа на високо ниво, посебно во одбраната, која дозволи гостите од Скопје да имаат премногу простор и позиција за гол.

,,Не одигравме според договореното, примивме многу лесни голови, имавме многу технички грешки и дозволивме противникот целосно да нѐ натрча. 22 примени гола во првото и во второто полувреме доволно говори за тоа колку беа шутерски расположени гостите. Париравме колку што можевме, во еден момент во вториот дел сменивме тактика, намаливме на пет гола негатива, но не издржавме и едноставно немавме сили за нешто повеќе. Честитки за екипата на Алкалоид, која одигра квалитетен натпревар и заслужено си ги освои бодовите”, изјави Ферукоски.

Петар Маркоски, кој беше најефикасен во поразениот табор со осум погодоци истакна дека младата екипа на Алкалоид со својата препознатлива игра лесно стигнувала до голови во денешниот дуел.

,,Не успеавме на најдеме решение за брзата игра на противникот. Гостите набрзина направија разлика, во вториот дел се обидовме да ја промениме тактиката во одбрана, намаливме дел од негативата, но Алкалоид иако е млада екипа, се покажа зрело во натпреварот и ги казнуваше сите наши грешки”, изјави Маркоски.

Следен предизвик за Струга е гостувањето во Охрид против истоимената екипа.

Новакот во Суперлигата со цел плен се враќа од Струга