Стојаноски фантастичен на голот, Искра му „украде“ бод на босанскиот вицепрвак

Тимот на Искра Бугојно, каде што брани македонскиот голман Александар Стојаноски, приреди изненадување во шампионатот на БиХ и успеа да ремизира против тамошниот вицепрвак Слобода Тузла.

Натпреварот од 4. коло заврши без победник, 30:30, a македонскиот голман беше херојот на гостите бидејќи го одбрани последниот удар на домаќините, со што му донесе голем бод на својот тим.

Македонецот повторно имаше одлична партија и во натпреварот против Слобода Тузла забележа 15 интервенции. На претходните два дуела, против Какањ и Маглај, Стојаноски имаше 18, односно 19 одбранети удари.

Искра Бугојно по четири одиграни кола се наоѓа на 6. позиција на табелата со биланс од две победи, еден пораз и едно реми.

Тимот на Стојаноски во следното, петто коло, на свој терен ќе го пречека незгодниот состав на Босна Високо.