Стојановиќ: Ова е вистинскиот пат за да постигнеме нешто и да направиме добар резултат

Кадетската репрезентација на Македонија славеше против Црна Гора со 32-30 во првиот од двата пријателски натпревари во рамките на ЕХФ неделата.

Селекторот Раде Стојановиќ е задоволен од прикажаното на овој натпревар и вели дека ќе има се почести собири на кадетите и дека овој е патот што треба да се изоди за успех.

„Честитки за двете селекции за прикажаната игра и за добриот натпревар со многу трчање и голем интензитет. Во првиот дел можеби малку имавме притисок бидејќи игравме со репрезентацијата што беше 12 на последното ЕП, репрезентација од А дивизијата. Но во вториот дел ние покажавме дека има квалитет, дека може да се носиме со Црна Гора. Играчите максимално се залагаа и затоа заслужено победивме. Црна Гора беше во полн состав, исто како и ние. Во нашиот состав имаше двајца нови ракометари кои не играа во Летонија. Овој натпревар ни покажа дека со ваква работа, со пријателски натпревари може да се надеваме на добар настап на Мундијалот. Утрешниот натпревар ќе го искористиме да ротираме повеќе ракометари, за сите да почувствуваат што носи еден ваков натпревар. Вечерва играа скоро сите што беа во ростерот, а утре сите ќе добијат подеднаква минутажа. Задоволни сме од залагањето на сите, ова е вистинскиот пат за да постигнеме нешто и да направиме добар резултат“, вели Стојановиќ.

Македонија и Црна Гора утре ќе одиграат уште еден пријателски натпревар што ќе започне во 17:00 часот.

Кадетите триумфираа против Црна Гора