Стигна потврда – Пасквал ќе биде селектор на Романија

Претседателот на ракометната федерација на Романија, Александар Деду за романските медиуми потврди дека новиот тренер на Динамо Букурешт, Чави Пасквал ќе ја преземe машката репрезентација на Романија.

Шпанскиот тренер во Романија ќе остане подолг временски период бидејќи со Динамо Букурешт потпиша тригодишен договор, а се очекува на кормилото на романската репрезентација да биде до 2024 година, паралелно ќе го води и домашниот шампион и репрезентацијата.

„Одлично е што еден од најголемите тренери во светот доаѓа во Романија. Во нашето првенство повторно ќе има многу тренери со извонредни CV. Се надевам дека ова ќе ги мотивира романските тренери. Многу е веројатно дека Чави Пасквал ќе ја води и репрезентацијата. Во овој момент репрезентацијата има тренер со важечки договор”, изјави Александар Деду за „Спорт нет“.

Моментално селектор на репрезентацијата е Рареш Фортунеану кој има договор до крајот на оваа година. Но, репрезентацијата нема официјални натпревари до крајот на годината, а од раководството на федерацијата не изразија желба за продолжување на договорот со Фортунеану.

Романците очекуваат дека Чави Пасквал може да ги промени работите во романскиот ракомет. Репрезентацијата доживеа лоши резултати на квалификациите за Европското првенство 2022. Најмногу разочараа со поразот и ремито со Косово, но и убедливите порази од Шведска и Црна Гора.