Стартува новата сезона, 14 екипи влегуваат во трка за шест плеј-оф места

Денеска стартува новата сезона во Супер машката лига, а 14 екипи ќе се борат за шест места кои носат во плеј-офот.

За разлика од лани годинава екипите се поделени во две групи од по седум и на тој начин ќе се бара местото меѓу најдобрите на крајот од есенскиот дел. Веќе е јасно дека битката во двете групи е да се дојде до едно од првите три места кои напролет ќе значат и пласман во плеј-оф групата. Шанса постои за сите така што тимовите влегуваат со засилени амбиции, а речиси сите ангажираа по неколку нови играчи.

Поради коронавирусот натпреварите ќе се одиграат во забрзан ритам односно овој дел од сезоната во која се игра првата фаза ќе финишира некаде на крајот од октомври. Натпревари во Супер машката лига ќе има секој петок и понеделник така што ќе биде доста активно. Ќе нема многу време за пауза и за одмор и ќе има поголема активност, но и чести тестови на коронавирусот.

Сето ова е најава за една полусезона во која тимовите ќе мора да се адаптираат на новите услови. Ќе бидат одиграни вкупно 14 кола во кои ќе нема многу простор за тактизирање туку ќе мора да се одбере најдоброто и да се чуваат силите за главните двобои.

Според сето она што е познато во групата А, како фаворити влегуваат составите на Охрид и Пролет. Меѓу нив ќе биде двобојот за првото место, а со оглед на фактот што во плеј-оф лигата напролет ќе има место за три екипи битката за 3. позиција ќе биде голема.

Радовиш поради искуството на играчите влегува како кандидат за тоа место, но никој не смее да ги потцени другите четири екипи. Составите на Струга, Астраион, КЛ 7 и Јуниор Кисела вода имаат свои сметки и надежи дека можат да дојдат до место во главната рунда напролет.

Во Групата Б ситуацијата е нешто поинаква. Таму главен фаворит е Металург и тука нема ништо спорно околу првото место. Бутел Скопје би требало да биде кандидат за 2. позиција, но тука ќе биде доста интересно бидејќи желбата за опстанок и плеј-оф е голема кај сите така што сите влагаат со амбиции за висок дострел и затоа Еурофарм Пелистер 2, Работнички, Прилеп, Младост 1977 и ГРК Тиквеш влегуваат со желба да се изборат за плеј-оф и сите имаат свои пресметки и шанси така што предвреме е неблагодарно да се прогнозира.

Есенската полусезона стартува денеска, а финишира на 26 октомври. Тоа ќе бидат 14 кола во забрзан ритам, а секој клуб ќе одигра 12 средби поради тоа што во секое коло еден тим е слободен.

Во продолжение можете да ги погледнете и сите досегашни шампиони и освојувачи на Купот на Македонија. Инаку, Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се приклучат во натпреварувањето напролет кога стартува вториот дел од сезоната во кој ќе се игра плеј-оф и плеј-аут. И во двете лиги тогаш ќе има по осум екипи.

СИТЕ ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНИ

Сезона – Шампион/Освојувач на куп

1992/93 – Пелистер/Куманово

1993/94 – Пелистер/Борец

1994/95 – Борец/Пелистер

1995/96 – Пелистер/Пелистер

1996/97 – Преспа/Вардар

1997/98 – Пелистер/Пелистер

1998/99 – Вардар/Пелистер

1999/00 – Пелистер/Вардар

2000/01 – Вардар/Вардар

2001/02 – Вардар/Тутунски комбинат Бренд

2002/03 – Вардар/Вардар

2003/04 – Вардар/Вардар

2004/05 – Пелистер/Пелистер

2005/06 – Металург/Металург

2006/07 –Вардар/Вардар

2007/08 – Металург/Вардар

2008/09 – Вардар/Металург

2009/10 – Металург/Металург

2010/11 – Металург/Металург

2011/12 – Металург/Вардар

2012/13 – Вардар/Металург

2013/14 – Металург/Вардар

2014/15 – Вардар/Вардар

2015/16 – Вардар/Вардар

2016/17 – Вардар/Вардар

2017/18 – Вардар/Вардар

2018/19 – Вардар/Металург

2019/20 – Нема шампион/Нема освојувач на куп