Српска ракометарка го обвини екс клубот: Ме уништивте, ме направивте инвалид!

Поранешната ракометарка на Црвена Звезда и ОРК Београд, 26 годишната Гордана Дикиќ поради недоволно внимание од клубот помина низ вистински кошмар и заработи неизлечиво оштетување на раката.

„Сè ми е скинато на раката, направени се многу операции а последната пред четири месеци. Секогаш одев на лечење полна со елан дека ќе се вратам на спортот. Но еве ме после 15 години се вратив од Белград во мојата Рашка и бркам терапевти по Нови Сад бидејќи тука нема. Додека сум жива ќе морам да одам на терапии“, вели Гордана Дикиќ.

И покрај овие болни факти за животот и кариерата на младата ракометарка, Гордана секој ден го живее со големи болки. Во излагањето Дикиќ спомена и дека никој ниту од клубот Црвена Ѕвезда, ниту од ракометниот сојуз не се понудил да им помогне.

„Живеам во болки, целиот живот ќе го поминам пиејќи лекови бидејќи само така можам да функционирам. Не дозволувам тоа да се види и да ме сожалуваат. Ќе ги испијам лековите и излегувам, одам понатаму. Не знам само дали повеќе ме боли раката или неправдата, но Ѕвезда ме направи инвалид и ми ја уништи кариерата “, заврши Дикиќ.

Таа своевремено беше сметана за еден од поголемите таленти на женскиот српски ракомет, но од нејзината кариера нема да има ништо.